Сладок триумф за Тиквеш: Неготинци паднаа пред полна сала во Кавадарци !

Ракометарите на Тиквеш по подолго време ја остварија својата прва победа над големиот ривал Вардар Неготино, а тоа и беше прва победа за кавадарчани во плеј-офот од Првата лига. Тиквеш победи со минимални 29-28, а иако гостинските ракометари имаа прилика да се вратат со бод од преполната „Јасмин“ во Кавадарци, сепак не успеаја.

Во првиот дел најчесто се играше израмнето, но во финишот домашните се одлепија на плус четири голови, 16-12. Слично се одвиваа настаните на теренот и во вториот дел. Се до последните десетина минути кога домашните ја загубија силата и идејата во нападот, па гостите се вратија на реми, 28-28.

Сепак Тиквеш даде гол во последната минута за водство, 29-28, а имаше пенал за неготинци во завршните секунди. Искусниот Трајковски не го реализира овој пенал и тоа беше причина за големата радост на кавадарчани и нивните навивачи. Тиквеш нема шанси за влез во Супер лига, но оваа победа е важна за домашните, бидејќи е над големиот ривал од Неготино.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Илија Мелоски со 12 голови и Огњен Савковиќ со шест, додека кај Вардар Неготино се истакна Драган Кузманов со девет погодоци.