Скубе за 24 Ракомет: Не чека тежок меч во Загреб, но ние не се плашиме од никого, подготвени сме на сè

Ракометарите на Вардар утре заминуваат за Загреб каде в сабота од 20:30 часот го играат првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Атмосферата пред овој натпревар е одлична. Сите играчи се на тренинг и се максимално подготвени за она што Парондо го планира за првиот дуел против шампионот на Хрватска.

„Загреб е сосема поинаква екипа со доаѓањето на новиот тренер. Сега се игра многу побрзо и повеќе се трча. Мислам дека тоа ќе биде еден опасен натпревар во Загреб каде ќе има можеби 10.000- 12.000 луѓе. Конечно сите сме здрави и играме во полн состав. Сигурно очекуваме и сакаме да одиме во четвртфинале. Ќе биде тешко и сè ќе се решава во Скопје. Во Загреб ниту еден тим не успеа да се надигра. Секогаш резултатот беше тесен. Редовно се движеше околу нерешено или беше со гол до два разлика. Мирни сме и се подготвуваме нормално и се надевам дека ова ќе биде натпревар кој можеме да го добиеме“, изјави за 24 Ракомет, Сташ Скубе.

Направи и споредба за она што тимот на Загреб го играше кај Лино и она што сега го игра кога го води неговиот сонародник.

„Тамше внесе свој систем во кој има многу трчање. Го нема она што беше познато кај Лино со минута и пол до две во нападот. Повеќе има комбинаторика и нема толку игра 7 на 6 како порано. После секој погодок, но и при промашување ќе мораме веднаш да се враќаме во одбрана бидејќи сега Загреб има многу посилна транзиција во нападот отколку порано“.

Скубе смета дека со комплетирањето на составот, Вардар има и поголем ростер и со самото тоа и шанса за да го издржи налетот на противникот.

„Имаме повеќе ротација во играта и мислам дека нема да има многу проблеми. Мораме да ставиме во главата дека после шутот и завршувањето на акцијата ќе мораме да ги направиме брзо првите 2-3 чекори и што побрзо да се враќаме во одбрана. На тој начин ќе биде полесно. Ние не се плашиме од никого, подготвени сме на сè, но во Загреб не очекува тешка работа“.

Во однос на она што го смета како добар резултат во Загреб за помирен реванш во Скопје, тој вели дека секоја победа ќе биде одлична на ваков дуел.

„Каков и да биде резултатот во Загреб нема да се знае конечниот епилог до реваншот во Скопје. Ние сме фаворити на хартија, но тоа никогаш не игра улога. Во фудбалот и Реал беше фаворит, па не помина. Ние одиме на максимум и би бил задоволен со секоја победа, па со предност да го дочекаме дуелот во Скопје и потоа со триумф пред нашите навивачи да го потврдиме пласманот во четврт-финалето“, изјави Сташ Скубе за 24 Ракомет.

Првиот меч се игра в сабота од 20:30 часот во Арена во Загреб, а реваншот е на 30 март во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ од 19:30 часот.