Скопското дерби со искри, но и со триумф на Пролет во Бутел

Екипите на Бутел Скопје и Пролет одиграа дерби натпревар во 13. коло од Супер машката лига, а на овој дуел имаше од сè по нешто. Ракометарите на Пролет вратија за поразот на домашен терен на стартот од сезоната и победија со 24:21.

Овој триумф го остави составот на Пролет во трка за првите четири позиции, но најави и многу интересна пролет бидејќи сега разликата е намалена и Бутел Скопје веќе не се чувствува доволно комотно на 2. позиција.

Средбата мина во постојано водство на Пролет. Гостите решени да вратат за загубениот дуел на свој терен тргнаа силно. До 3:3 постојано имаа гол предност, а домашните израмнуваа. Сепак, на 3:3 дојде до серија од три гола за Пролет и тука беше првиот момент во кој гостите почнаа да покажуваат дека на овој дуел се решени да ги освојат трите бода и да се реваншираат.

До крајот на првиот дел највисоката предност беше четири гола, а на одмор се замина со 13:10 во корист на гостинскиот состав.

Второто полувреме почна фуриозно од страна на ракометарите Пролет. Набрзина дојдоа до плис шест и поведоа со 16:10, а малку подоцна и со 22:14. Тука веќе го имаа добиено дуелот и почнаа со мирна игра да го приведуваат мечот кон крај.

Сепак, играта кулминираше со нервоза. Прво при еден дуел на Мајнов и Мајиќ подебелиот крај го извлече ракометарот на домашните, но за среќа немаше проблеми да го продолжи натпреарот. Потоа на шест минути до крај Кристијан Василевски и Мартин Манасков имаа дуел во кој дојде до судир. Од ова настана мешаница поради која имаше прекин, а двајцата заработија два картони. Покрај црвениот добија и син, па најверојатно ќе им следува казна веќе во следното коло.

Меѓутоа немаше проблеми и дуелот дојде до крај, а Пролет славеше со 24:21 и ги однесе трите бода од гостувањето во Бутел, кои може да бидат клучни за пласман во плеј-офот напролет.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ПРОЛЕТ             21:24 (10:13)

Сала: Антон Димитров во Скопје. Гледачи: 300. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Панченко, Блажески, Трајковски, Лазароски 1, Трајковски, Андовски 2, Младеновски, Стојановски, Георгиевски, Димовски, Спасовски 2, Мојсоски 9, Николов, Печенковски, К. Василевски 1, Мајиќ 6.

Седмерци: 4/7, Исклучувања: 12 мин.

ПРОЛЕТ: Кимевски, Коруновски, Кристо, Ф. Василевски, Аларов, Јовчевски 2, Давитковски, Василевски, Манев, Николовски, Андоновски 5, Џонов 2, Мајнов 7, Дамчевски, Стојановски, Манасков 7.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 16 мин.