Скандалозно: Вардар беше нападнат во Сегед, а ЕХФ, сепак, го казни

Екипата на Вардар ќе мора да плати казна од 8.000 евра поради тоа што играчите учествуваа во мешаницата на гостувањето кај Пик Сегед на реваншот од четврт-финалето од Лигата на шампионите. Ова беше втор меч сезонава на кој Вардар учествува во ваква мешаница после оној со Келце и затоа оваа казна е така голема.

Тимот на Пик Сегед, пак, има двојно поголема казна со оглед на тоа што иницијаторите на инцидентот дојдоа од играчите на оваа екипа, а имаше и официјални лица кои учествуваа во мешаницата. Покрај тоа и Македа кој беше исклучен бидејќи доби црвен картон се најде на терен без да смее да го направи тоа и не беше спречен од никого.

За Пик Сегед има неколку различни казни, а кога ќе се соберат сите се доаѓа до сума од 16.000 евра што е двојно повеќе од онаа за Вардар кој „ни крив ни должен“ пак ќе мора да плати казна.

Сите казни кои беа доделени од Дисциплинската комисија на ЕХФ можете да ги прочитате во продолжение:

– Нема да има дополнителна санкција за Рожерио Мораеш. Дисциплинците на ЕХФ сметаат дека самата казна на натпреварот била и престрога и затоа како таква се смета за доволна и тој без проблеми може да настапи на Ф4 во Келн.

– Казна во износ од 3.000 евра ќе биде платена поради Деан Бомбач. Тој беше играчот кој предизвика проблеми односно мешаница на теренот, а потоа имаше и напад над Карачиќ надвор од теренот.

– Сума од 2.000 евра (за секој) ќе биде платена и поради Матеј Габер и Хорхе Македа. Првиот поради тоа што беше вториот иницијатор на мешаницата, додека Македа затоа што влегол во терен за да се расправа иако претходно имаше добиено црвен картон.

– Изречена е казна и за Ѓорѓе Игњатовиќ и Марко Кривокапиќ од Пик Сегед од 2.000 евра (за секој) поради неспортско однесување кон функционерите на ЕХФ.

– Пик Сегед ќе плати казна од 5.000 евра поради однесувањето на тимот и поради недоволна безбедност на теренот особено поради тоа што дисквалификуван играч влезе на терен.

– Вардар е казнет со 8.000 евра поради однесувањето на тимот. Казната е повисока од онаа на Пик Сегед поради тоа што за сличен прекршок екипата веќе била казнета во текот на сезоната што е отежнувачка околност.