Симовски: Промашените зицери во финишот се клучни за високиот пораз

Тимот на Куманово пропушти златна шанса и претрпе елиминација во првото коло од Купот на ЕХФ. По вчерашниот триумф со 27-23 против чешката Славија Прага, македонскиот вицепрвак денеска го одигра вториот меч и загуби со 31-24, па гостинките одат во следната фаза.

Тренерот Симе Симовски смета дека пресудни за високиот пораз се промашените зицери во финишот.

„Честитки за пласманот понатаму на противникот. Одигравме два комплетно различни натпревари. Првиот меч го добивме ние, вториот тие. И пред овие дуели напоменав дека тие се сериозен тим и добро работат. Имаат одиграно многу повеќе интернационални натпревари  и искуството е на нивна страна, но наше е да се надеваме дека и ние во иднина ќе имаме што повеќе вакви дуели. Зицерите во финишот што ги промашивме, како и учинокот на голманите, беа клучни за високиот пораз“, изјави Симовски за 24Ракомет.

По елиминацијата од ЕХФ Купот, Куманово ќе се сврти кон домашната сцена.