Симе Симовски: Ако останеме заедно четири години, овој Вардар има убава иднина

Новата сезона во Женската лига стартува викендов, а титулата ќе ја брани екипата на Вардар која во однос на минатата година ќе има многу изменет состав. Во тимот се ракометарки кои минатата година беа дел од кадетскиот состав, а ова ќе им биде прво големо искуство во кариерите. Ќе треба да играат против екипи кои се со поискусни ракометарки, па тоа сигурно ќе биде големо искуство за нив.

Екипата е предводена од страна на селекторот на женската сениорска репрезентација Симе Симовски. Во стручниот штаб ги има и Драгана Пецевска-Ристова и Александар Царчев, а со нив ќе треба да ги промовира младите ракометари од кои најголемиот дел се родени во 2002 година.

„Во новата сезона ќе бидеме со многу помлад тим од претходната. Имаме ракометарки коишто имаа одлични настапи заедно во минатите неколку години, но сега ќе имаат можност во една поинаква лига да добијат поинакво искуство. Сепак, продолжуваме напред. Одиме според системот кој го имаме зацртано, па ќе видиме“, вели Симовски за 24 Ракомет.

Тој очекува допрва да се види вистинското бидејќи досега девојките покажале максимална мотивираност на тренинзите.

„Во подготвителниот период одигравме четири натпревари. Меѓутоа, тоа беше вовед за она што следува. Ни претстои сезона во која ќе имаме многу натпревари, но очекуваме да влеземе во битка за горниот дел од табелата. Сепак, пред нас е многу работа. Драго ми е што овие девојки се желни да работат и тоа го прават со големо задоволство. На секој тренинг му пристапуваат максимално сериозно и со голема желба, а тоа ми дава и мене како тренер уште поголем мотив за работа“.

Симовски очекува со овие девојки да мине четири години за да го добие резултатот кој се посакува. Тоа е период во кој може да се спроведат на дело сите замисли и да се создадат ракометарки кои ќе бидат членки и на сениорскиот состав.

„Има 7-8 девојчиња коишто ветуваат и нема да биде изненадување, ако за една година веќе почнат да тропаат на вратата на сениорската репрезентација. Има голема перспектива, но тоа ќе мора да се надоградува со работа. Меѓутоа за да го постигнеме она што го сакаме мора да имаме трпение и еден циклус од четири години во кој ќе истраеме сите заедно. Сметам дека тоа можеме да го направиме и верувам дека ќе успееме со оваа генерација“.

Првиот меч за новата генерација на Вардар со која ќе се влезе во сезоната во која се брани титулата е утре од 14:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.

„Не би сакал да прогнозирам околу нашиот пласман на крајот од сезоната. Се работи за натпреварување во кое Куманово и Металург сезонава имаат најквалитетни состави, а веднаш тука е и Пелистер. Очекувам ние да се вклучиме во битката за горниот дел од табелата, но дефинитивно ќе биде тешко и ќе мораме на секој натпревар да дадеме максимум за да го оствариме посакуваното“, изјавува Симовски.

Инаку, во новата сезона во Женската лига ќе има десет екипи пред кои е долго натпреварување во кое ќе има голема трка за титулата.