Сигурна игра и победа на Египет за главна фаза

Во првиот натпревар од последното коло во групата Д падна одговорот за третата селекција која оди во следната рунда, а избраниците на Давид Дејвис стигнаа до победа од 33:28. Египет ја надигра Ангола и на тој начин им се придружи на Унгарија и на Шведска.

На овој натпревар на репрезентативците на Египет им беше потребна победа за пласман меѓу дванаесетте најдообри додека Анголците немаа таков мотив на денешната средба бидејќи имаа само една победа и само чудо можеше да ги донесе до пласман понатаму. Египет одлично влезе во натпреварот и постојано го држеше под своја контрола. Победата беше речиси обезбедена веќе на полувремето при водство на Египет од 19:12.

Во второто полувреме сигурно и без проблеми го одржуваа водството и рутински дојдоа до посакуваната победа. Анголците ништо не можеа да сторат да ја намалат предноста на противникот, па го забележаа и четвртиот пораз на првенството.

Најдобар стрелец на натпреварот за Египет беше Елдереа со осум погодоци, додека кај Ангола најмногу голови постигна Сибо, вкупно седум.