Сензација во Хернинг: Чиле ја сруши Австрија

Првиот натпревар од 2. коло во првиот дел од групната фаза кој се одигра денеска во Хернинг донесе вистинска сензација. Репрезентацијата на Чиле која пред два дена загуби убедливо од Данска успеа да ја совлада фаворизираната Австрија со 32:24 и си обезбеди приклучок во трката за влез во главната фаза.

Иако се очекуваше Австрија да го добие овој дуел, сепак, Чиле покажа дека тоа да нема да биде лесно. Репрезентација од Јужна Америка, тргна со водство кое одлично го одржуваше сè до 26. минута во која Австрија тргна во една серија од 4:0 и го доби полувремето со 15:14.

Оваа мала предност не им даде можност за мирна игра на Австријците кои вториот дел го почнаа со гол, но подоцна примија пет за нова предност за Чиле. Составот предводен од Матео Гаралда имаше стратегија за остатокот од натпреварот и предноста успешно ја чуваше до крајот.

Австрија не успеа да земе доволен замав за влез во една интересна завршница и наместо тоа им дозволи на противниците целосно да се разлетаат и во 55. минута да заминат на плус осум, разлика која беше воедно и највисока предност на натпреварот.

Вебер со шест и Билик со пет гола беа најефикасни во редовите на Австрија, додека во Чиле, Ервин Фојхтман беше незапирлив и реализираше деветпати. Голманот Фелипе Бариентос запре 12 удари на противникот.

Со денешната победа, Чиле ги обезбеди првите два поени и е на исто ниво со Австрија. До крајот на групната фаза, Чилеанците со Тунис, Норвешка и Саудиска Арабија, додека Австрија на патот ќе ги има силните Данци и Норвежани, но и Тунис.