Сензација во Скопје: Јагањац со победа се прости од Металург

Екипата на Металург дојде до првиот триумф сезонава во сите натпреварувања и тоа на разделбата со Халил Јагањац кој после овој натпревар го напушта тимот од Автокоманда и се сели во редовите на Нексе.

Металург го надигра Татран Прешов во сите 60 минути и ова беше најдобриот натпревар на екипата од стартот на сезоната. Она што недостигаше во средата против Железничар денеска беше одработено далеку подобро, а металурзите беа далеку подобриот ривал и обезбедија победа од 30:28.

Уште на стартот од средбата се виде добра игра од Металург. Одеше одлично во одбраната, а функционираше контрата, па брзо беше обезбедена предност од 3:0. Иако Татран се врати во мечот, сепак, ракометарите на Металург имаа контрола. Анте Токиќ биеше речиси без грешка. Имаше осум гола од девет обиди  придонесе многу во предноста од 15:11 на полувреме.

Овој резултат беше шанса за продолжението од средбата. Стравувањата беа да не се повтори проблемот од претходните дуели кога редовно имаше падови. Сепак, овој пат сè функционираше одлично и екипата на Металург успеа да исконтролира. Јагањац ги имаше своите блескави моменти со шутеви од далечина и во последниот меч за Металург одигра одлично второ полувреме.

На четири минути пред крајот разликата беше пет гола, 29:24 и беше јасно дека Металург победува на овој дуел и дека конечно доаѓа оној триумф што толку се посакуваше за пресвртница во сезоната. Конечните 30:28 беа и повеќе од доволни за сензација и прв триумф на Металург.

МЕТАЛУРГ – ТАТРАН ПРЕШОВ 30:28 (15:11)

Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 400. Судии: Борис Милошевиќ и Матија Губица од Хрватска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.

МЕТАЛУРГ: Томовски (10 одб.), Даниловски, Јагуриновски, Јагањац 6/10, Лазаревски, Димитриоски 3/6, Токиќ 9/11, Танкоски 1/4, Серафимов 0/1, Младеновиќ, Велковски 2/2, Миличевиќ 2/5, Додиќ 4/4, Маџовски 2/4, Стојановиќ, Арсеновски.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 2 мин.

ТАТРАН ПРЕШОВ: Цвитковиќ (5 одб.), Чуприна (5 одб., 1 сед.), Рабек 0/3, Хрстка 2/2, Лапајне 7/10, Рецицар, Криж, Чип 8/10, Страновски 5/5, Буторац 2/5, Касал 0/1, Чарапкин, Афаноу 2/3, Бабиќ 2/2.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.