Светскиот првак Франција распали против Данска

Ракометарките кои мината година дојдоа до титулата Светски првак, а годинава се домаќинки на Европското првенство на стартот од втората фаза покажаа дека поразот во 1. коло беше само момент на слабост. Франција распали од сите оружја против Данска и едноставно го нокаутираше противникот.

Конечните 29:23 беа доказ дека Франција е во неверојатна форма и дека ракометарките покажуваат одлична форма кога е најпотребно. Против Данска имаа само 15 минути за надигрување, а потоа сè беше во знакот на Французинките. Амандин Лејно уште еднаш покажа дека и понатаму е меѓу најдобрите три голмани во светот и дека е лидер во овој состав на Франција.

Триколорките ја обезбедија победата уште во првото полувреме кога обезбедија предност од шест гола и водеа со 17:11. После ова им беше уште полесно. Ракометарките од Данска мораа да брзаат, а во обидот да намалат и грешеа, па тоа отвори простор за поубедлива победа на Франција. Сепак, во финишот дојде до опуштање и останаа шестте гола од полувремето.

И 29:23 беа повеќе од доволни за Франција да се радува на нови бодови со кои сериозно најавува атак на полуфинале. Инаку, Амандин Лејно беше прогласена за МВП на средбата, а имаше вкупно 12 одбрани за 40 минути игра. Најефикасна беше Нзе Минко со шест погодоци.

Во Данска двете голманки заедно имаа четири интервенции додека Фи Волер со пет гола беше најефикасна.