Савехоф се загреа за мечот со Еурофарм Работник, го доби скандинавското дерби во Финска

На отварањето на новата сезона од Лигата на шампони во машка конкуренција екипата на Савехоф славеше како гост против шампионот на Финска, Кокс со 30:25 во меч во кој победникот беше решен после првите 30 минути.

Кокс единственото водство на натпреварот го имаше на почетокот, 1:0. Потоа гостите постојано го контролираа резултатот. Во почетната фаза имаа минимална предност, откако поведоа со 11:8, а до крајот на дуелот не го испуштија водството. На полувреме Савехоф водеше 18:13.

До крајот на дуелот се покажа дека предността од првиот дел е доволна за конечна победа на гостинот. Кокс немаше вистинска против игра за Савехоф, кој рутински го одигра второто полувреме. Најефикасен во победничкиот состав беше Богојевиќ со осум погодоци. Во екипата на Кокс, Семенов шестпати за затресе противничката мрежа.

Ривалите од Скандинавија се противници и на Еурофарм Работник, а веќе в среда битолчани му гостуваат на Савехоф во 2. коло од групата Ц.