Рогановиќ: Борозан ми кажа дека не сака да игра за репрезентацијата

Поранешниот десен бек на Вардар, а сега селектор на Црна Гора – Зоран Рогановиќ, го објави списокот од 28 играчи за првите два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во 2020 година. Рогановиќ вели дека Борозан го одбил повикот.

„Ќе бидам искрен, не навлегував во причините, односно не го прашав Вуко зошто не сака да игра. Разговарав со него, а тој веднаш ми кажа дека во овој момент нема намера да игра поради некои негови причини, за кои не го прашав. Сметам дека не треба никого да убедувам да игра за националниот тим. Не сакам никого да убедувам или терам да ја смени одлуката. Не сакам никакво алиби во случај на неуспех поради еден играч кој не е тука или не сака да биде тука во моментов“, вели Рогановиќ.

Црна Гора ќе игра против Фарски Острови на 24 октомври и три дена подоцна против Украина, додека во оваа квалификациска група се наоѓа и репрезентацијата на Данска.

Црногорците играа на Европското првенство во Хрватска, но ќе го пропуштат следниот голем настан, односно Мундијалот во Германија и Данска, откако во баражот беа елиминирани од „коцкестите“.