Раул и ПСЖ го добија дербито на колото во Франција

Екипата на ПСЖ предводена од македонскиот селектор Раул Гонзалес, успеа да му го нанесе вториот пораз по ред на Шамбери и славеше со 26:22.

До неодамна првопласираниот тим, не можеше да се носи со поквалитетниот противник кој сега е на два поени пред Шамбери. Од самиот старт, парижаните тргнаа поубедливо. По стартните 2:2, ПСЖ отиде на 5:2 кои сепак беа за кратко возвратени.

Секогаш кога Шамбери успеваше да стигне на минус еден ПСЖ наоѓаше сили за нова предност и полувремето го доби со резултат 14:11.

Во вториот дел продолжи истата приказна како и во првиот. ПСЖ секогаш имаше мала предност од еден или два гола која Шамбери на моменти успеваше да ја надополни, но не и да дојде до предност. Кон последните 20 минути сепак издржливоста на Шамбери попушти, со што гигантот од Париз славеше во овој дуел.

Дуелот беше сиромашен со погодоци, а за тоа се погрижија одличните голмани на двете страни, Родриго Коралес забележа 17 интервенции, а Јан Генти 15. Кај стрелците се истакна Генсхајмер со седум голови, а кај Шамбери, Трита и Јоханес Марескот имаа идентичен учинок од четири реализации.