Ракометот им е во крв: Филип сонува да игра заедно со Вуко во дресот на Вардар

На турнирот во Прилеп меѓу ракометарите коишто настапуваат се појави и едно многу познато презиме во македонскиот и црногорскиот ракомет – Борозан.

За да нема забуни не се работи за Вуко, кој со Вардар очекува натпревар во СЕХА-лигата против Татран во Прешов туку за негов братучед кој има 18 години и кој брани за шампионот на Црна Гора, Ловќен.

Филип Борозан на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ покажа дека има квалитет и одлични предиспозиции да биде одличен голман. Висок е 190 сантиметри и на двете средби на турнирот имаше просек од девет одбрани по натпревар.

„Со ракомет почнав да се занимавам пред шест години. Почетоците ги имав во школата „Цепелин“ на Цетиње, но откако таа се распадна се преселив во Ловќен каде имам одлична можност за напредување“, вели Филип за 24 Ракомет.

Тој е кадетски репрезентативец на Црна Гора и бранеше на последниот ЕХФ-шампионат. На турнирот во Прилеп беше прв избор за голот на тимот и вели дека ќе се потруди да ја искористи шансата која му се отвора.

„Минатата година бев трет голман во екипата на Ловќен. Сега се отвори шансата за да можам да бранам и затоа сум задоволен и ќе се потрудам да се изборам за место во екипата. Во тимот имаме уште еден поискусен голман, кој не можеше да дојде во Прилеп, но јас сум задоволен од шансата која ја добивам“.

Во новата сезона очекува со своите колеги да дојдат до нови трофеи и одбрана на круните кои веќе ги поседуваат.

„Во Прилеп покажавме дека можеме да играме против секого. На првиот меч загубивме откако 40 минути одигравме одлично, а потоа имавме пад. Затоа на вториот дуел се поправивме и покаѓавме подобра форма. Сега треба да се насочиме кон натпреварите во домашното првенство каде очекуваме добри резултати. Ќе атакуваме на на одбрана на двојната круна, а во Челинџ купот ќе се обидеме да забележиме колку е можно подобар резултат“.

Со оглед на тоа што има само 18 години и пред него е иднината секогаш е интересно прашањето кој е клубот за кој сонува односно клубот во кој би сакал еден ден да игра.

„Омилен тим ми е Вардар. Го следам постојано и задоволство е да се гледаат натпреварите. Би сакал еден ден да добијам шанса за да играм во овој клуб и секако би ми било задоволство да бидам во иста екипа со мојот братучед Вуко“, изјави за 24 Ракомет, голманот на Ловќен, Филип Борозан.

Ова е само доказ дека семејството Борозан има големи таленти за ракомет без разлика на која позиција играат, а доколку успее да достигне до висините на Вуко тогаш и Филип може да има убава кариера со оглед на тоа што е на самиот почеток,