Ракометарка од Македонија потпиша за тим од Бундес лигата

Во новата сезона Македонија ќе има своја претставничка во Бундес лигата. Екипата на Некарслум одлучи да потпише двегодишен договор со повремената македонска репрезентативка, па таа ќе биде засилување за бековската позиција.

Симона Стојковска доаѓа во Некарслум од екипата на Паок од Грција, а во клубот е најавена како засилување од кое очекуваат да донесе квалитет плус. Во Македонија настапуваше за тимот на Металург, а последен клуб и беше грчкиот Паок.

„Со нетрпение го очекувам стартот на новата сезона во Бундес лигата. Веќе имав можност да тренирам заедно со новите колешки и би сакала да го дадам својот максимум на теренот и да му помогнам на тимот да има што е можно поуспешна сезона“, вели Стојковска за клупскиот сајт.

Таа во новата сезона ќе настапува во дресот со број 23, а од клубот најавуваат дека ќе биде добро засилување во обидот за остварување на амбициите. Инаку, има договор на две години, со можност за продолжување на соработката и пред неговиот истек.