Раде Стојановиќ: Си заминав од Металург во потрага по нов предизвик

Тренерот за кого првите шест месеци од 2019 година ќе бидат запаметени по одличните резултати и новите предизвици, Раде Стојановиќ направи неколку чекори напред во својата кариера. Тој од пред неколку месеци е и селектор на пионерската селекција, а од пред неколку дена и нов тренер на тимот на Охрид.

Стојановиќ во последната сезона дојде до првото место во Првата машка лига со Металург 2, но нема да продолжи со работата со овој клуб.

„Со Металург се разделивме пријателски. Поминав убави години во овој тим и драго ми е што бев дел од три шампионски титули во младинска конкуренција и што под мое водство клубот финишираше како првопласиран во Првата машка лига и се врати во Супер лигата. Сепак, ми требаше нов предизвик во кариерата и затоа морав да заминам“, вели Стојановиќ за 24 Ракомет.

Имаше понуди од неколку екипи за да се најде на тренерската позиција. Сепак, се одлучи за тимот на Охрид.

„Во Охрид го видов проектот кој е сличен на она што јас го имам зацртано кај мене како цел за исполнување. Драго ми е што успеавме да се договориме и што ќе имам можност да бидам дел од клуб кој во своите цели за новата сезона има зацртано пласман во плеј-офот, а потоа ќе одиме чекор по чекор“.

Веќе се знае дека дел од играчите го напуштија клубот, но најголемиот дел од оние кои го носеа товарот во последните години остануваат и понатаму дел од екипата на Охрид.

„Ќе ни требаат нови ракометари. Имаме план за неколку засилувања, се разговара со играчите кои се во план да дојдат, a се очекува ростерот да биде познат за брзо време. Поголемиот дел од ракометарите кои беа во тимот остануваат и со засилувањата ќе имаме тим со кој ќе можам да го спроведам на дело системот кој го преферирам. Сакам ракомет со многу трчање одбрана-напад и очекувам тоа и да го видам кај сите момци“.

Стојановиќ воедно е на списокот за добивање на мастер лиценца со што ќе се здобие со право за водење на екипи во сите натпреварувања, но и на репрезентација со оглед на тоа што веќе е селектор на селекцијата на ракометари родени 2004 година и помали.

„До крајот на оваа година очекувам да дојдам до мастер лиценца. После семинарот во Романија ми остануваат уште два. Првиот е во октомври, а потоа во декември очекувам да финиширам и да се стекнам со мастер тренерската лиценца. Носам убави впечатоци од семинарот во Романија. Имаше одлична организација, сè мина беспрекорно. Едноставно беше вистинско уживање во тие неколку денови да се присуствува и да се учествува на истиот семинар“, коментираше Стојановиќ за 24 Ракомет.