Промени се неизбежни во ПСЖ: Раул бара играчи по свој вкус

Тимот на ПСЖ сезонава не успеа да обезбеди место на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн, па некогашниот тренер на Вардар – Раул Гонзалес ќе мора да ги следи на ТВ настапите на најдобрите четири европски екипи.

На патот до нов настап на Ф4, на ПСЖ му се испречи Келце, а по неуспехот на францускиот дрим тим, веќе се најавени и заминувањата и засилувањата. Од претходно беше познато дека си одат Лука Степанчиќ и Уве Генсхајмер, а од активното играње ќе се повлече Тјери Омејер.

Покрај нив, во иднина од тимот нема да биде ниту десното крило Лук Абало, а во сезоната 2020/2021 ќе си заминат Сандер Сагосен и Родриго Коралес. Во меѓувреме, тимот на Келце го ангажираше левото крило кое кај Раул немаше минутажа, Дилан Нахи.

За сега, потврдени се трансферите на голманот од Монпелје, Венсан Жерар, левото крило од Рајн Некар Левен – Гудјон Валур Сигурдсон, како и пивотменот Камил Шипжак. Се уште останува нејасно дали Даинис Кристопанс, кој има потпишано од сезоната 2020, ќе дојде во Париз уште ова лето.

Покрај овие имиња, Раул ги посакува и средниот бек на Келце со кој соработуваше во Вардар, Лука Циндриќ, но за неговиот потпис има голем конкурент во Барселона. Освен Циндриќ, шпанскиот тренер го посакува и десниот бек на Фленсбург, Горан Јоханесен.

Кои од овие играчи ќе дојдат во ПСЖ претстојното лето, останува да видиме.