Пролет со убедливо второ полувреме против Ловќен за финале во Прилеп

Второто полуфинале на турнирот во Прилеп финишираше со победа на суперлигашот од Македонија, Пролет кој успеа да го надигра тимот на Ловќен и да го совлада со 27:20 иако на полувреме имаше два гола негатива.

Пролет имаше подобро отворање на натпреварот. Тргна сигурно во мечот и имаше гол предност неколку минути. Првата почувствителна позитива дојде во 10. минута кога резултатот беше 6:3 во корист на тимот од Македонија. Тука работите се сменија бидејќи Пролет имаше играч помалку и Ловќен брзо стигна до израмнување на 6:6.

После ова израмнување следуваше подобра игра од тимот од Црна Гора и во 24. минута беше обезбедена предност од 11:8. Овие три гола се чуваа, а на одмор се замина со 13:11, па ова беше најава за поинтересен меч во продолжението кога беше јасно дека Пролет ќе мора да надомести.

Пролет успеа набрзина да израмни на 14:14, а ова значеше дека натпреварот ќе има многу интересно продолжение. Работите одеа одлично за тимот од Скопје, а после израмнувањето брзо се стигна и до предност која почна постојано да се зголемува.

Во 45. минута резултатот беше 19:16 за Пролет, а тука веќе целосно беше скршен отпорот на противникот, кој не можеше да следи и не ни успеа до крајот да се врати. Место тоа беа казнети сите грешки на противникот и разликата зголемена.

На пет минути пред крајот од средбата резултатот беше 25:18 во корист на Пролет и тука веќе немаше дилеми кој оди во утрешното финале против екипата на Струга. Неколку ракометари на Пролет беа на исто ниво на реализација. Манасков постигна пет, а по четирипати релизираа Андоновски и Јовчевски. Во екипата на Ловчен Латковиќ со девет гола беше и најефикасен на средбата. Кимевски помогна во победата со осум одбрани, додека на спротивната страна Борозан ја заврши средбата со десет одбранети удари.

Утре програмата почнува во 17 часот со дуелот меѓу Прилеп и Ловќен, а потоа ќе следуваат ревијални дуели, по што во 20 часот е финалето меѓу Струга и Пролет.