Пролет си замина од Прилеп со трофејот од Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“

Ракометарите на Пролет ја освоија титулата на годинешното издание на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп откако во финалето после голема битка се изборија за победа од 24:23 против Струга во меч кој наликуваше како на првенствен дуел од Супер лигата.

Натпреварот тргна израмнето. Имаше наизменично погодоци на двете страни, а во таквата игра предноста беше постојано за тимот на Пролет. Стружани веднаш израмнуваа, па ваквиот ритам траеше во првите 15 минути.

Откако средбата дојде до средината на првиот дел и резултатот беше 6:6 конечно дојде до мала промена, а во 19. минута од средбата Струга првпат успеа да поведе со 7:6. После ова одново почна игра гол за гол. Кратко стружани беа тие што се во предност, па веднаш дојде до промена и Пролет одново се врати во водство со 9:8 во 23. минута.

Првото водство од два гола дојде на почетокот на 30. минута. Пролет успеа да реализира за 12:10, а во последните 60 секунди имаше уште по еден гол на двете страни, па на одмор се замина со 13:11.

 Второто полувреме донесе максимално интересен натпревар. И двете екипи влегоа максимално подготвени и играа мотивирано како да се работи за првенствена средба. Се играше борбено за секоја топка и таквиот ритам донесе практично игра гол за гол во финишот.

Се протестираше за секоја одлука и за секоја топка бидејќи и двете екипи ја посакуваа победата, но на крајот решаваше еден удар.

Пролет го постигна голот за 24:23 на неполна минута до крајот, а Струга имаше напад за реми. Ракометарите се прекомбинираа, па на крајот остана победата за Пролет така што и овој тим се запиша меѓу победниците на Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.

ПРОЛЕТ – СТРУГА           24:23 (13:11)

ПРОЛЕТ: Кимевски (10 одб.), Коруновски, Кристо, Ф. Василевски 7, Дика, Јовчевски 3, Давитковски, Мајнов 3, А. Василевски 3, Манев, Матовски 1, Трајковски 1, Андоновски 5, Дамчевски, Стојановски, Манасков 1.

Седмерци:  1/2, Исклучувања: 6 мин.

СТРУГА: Кизиќ (12 одб, 1 сед.), Стојаноски, Мечкароски, Кузмановски 8, Крстаноски, Петровски 1, Нацев, Тренчески 4, Цитешвили 2, Јанкулоски, Дукоски, Трпчевски 1, Костески 5, Барлакоски, Бајрамоски 1, Мемед, Крстоски, Дихамињија 1, Хаџидимов

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.