Пресврт во преговорите: Вуко Борозан потпиша за Веспрем

Ракометарот кој од 2016 до 2019 година го носеше дресот на Вардар и имаше голем удел во освојувањето на титулата пред две години, Вуко Борозан извесно време веќе не е член на „црвено-црните“. Првите информации говореа дека тој се сели во редовите на Барселона, беше на лекарски прегледи во престолнината на Каталонија, но договор не се постигна.

Иако се чинеше дека тој веќе има сè договорено и дека ќе се пресели меѓу Каталонците, сепак неговиот потпис го обезбеди вицешампионот на Унгарија, Веспрем, барем за наредната сезона. Вуко Борозан место во Шпанија се сели во Унгарија и од летото ќе биде член на Веспрем и соиграч на Дејан Манасков.

До пресврт во преговорите дошло минатата недела, информациите од Унгарија велат дека Борозан веќе има потпишано за Веспрем и се очекува наскоро и неговата промоција во тимот кој сè повеќе се засилува и најавува атак на титулата во Лигата на шампионите за следната сезона.

Како што е познато Борозан не се појави пред заминувањето за Мешков на финалниот турнир од СЕХА-лигата и тука почнаа сите проблеми. После враќањето од Белорусија беше избркан од тимот, а потоа дојде и информација дека сметките меѓу Борозан и Вардар се расчистени и дека „љубовта“ е завршена.