Прв трофеј за Дејан Манасков во Бундеслигата

Почетокот на секоја сезона во Германија започнува со традиционалниот Суперкуп. Освојувачот на Бундеслигата, составот на Рајн Некар Ловен во Штутгарт се соочи со актуелниот освојувач на германскиот Куп, составот на Магдебург.

Неизвесноста во првиот дел траеше неколку минути. Почетното водство и контролата над резултатот ја превзема составот на Магдебург, но до 7-та минута се променија улогите. Во средината на првото полувреме, германскиот првак ги искористи сите грешки на противникот и преку неколку лесни голови преку Сигурдсон и Петерсон ја зголемуваше разликата. Во нападот свои моменти имаа Енди Шмит и исландскиот бек Петерсон, а разликата по 15 минути игра изнесуваше четири голови 9-5. Но, „лавовите“ од Манхајм не застанаа тука, темпото кое го наметнаа не се промени ниту кога имаа играч помалку и тоа им овозможи да ја достигнат највисоката разлика од шест голови во 25-та минута (14-8). Предност која ја задржаа до самиот крај на првиот дел, кога Графенхост со звукот на сирената ги постави конечните 17-12.

До 40-та минута разликата остана непроменета, но куп победниците не го кренаа белото знаме. Напротив со низа од три погодока внесоа неизвесност во овој дуел. До 45-та минута Магдебург заостануваше само два погодока зад „лавовите“, а одличните интервенции на голманот Паличка и почетничките технички грешки не им дозволија на ракометарите од Магдебург да го изедначат резултатот. Затоа во последните 10 минути Рајн Некар влезе со предност од три погодоци. Апелгрен одлично го замени Паличка на голот на Рајн Некар и ги одржуваше германските прваци на сигурна предност, која по шеесет минути изнесуваше конечни 27-24. Со оваа победа и освоениот Суперкуп, Рајн Некар ја започна новата сезона во Бундеслигата.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков немаше минутажа на овој дуел. Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон беше најпрецизен на теренот со 9 погодоци од кои 6 ги постигна од пенал линијата, додека Графенхост постигна шест за Магдебург.