Првото полувреме во корист на Вардар: Вардарки со предност од шест гола патуваат во Ѓер!

Јованка Радичевиќ предупреди дека следуваат натпреварите „да се биде или не“, за двете екипи кои минатата сезона се натпреваруваа на Фајнл Фор турнирот во Будимпешта, Вардар и Ѓер. Овојпат распоредот и променливите игри на македонскиот шампион беа причина една од двете екипи да не патува за Будимпешта. „Ова се два натпревара кои ќе ја одлучат сезоната“, токму со тие зборови Радичевиќ ја отвори прес-конференцијата пред овој натпревар за мотив, подигнување на самодовербата, за надеж и верба во квалитетите на македонскиот колектив. Во исполнетиот спортски центар „Јане Сандански“ во Скопје, Вардарки го имаа најдобриот настап оваа сезона, против актуелниот европски првак Ѓер. Во еден одличен натпревар пред се во одбраната вардарки го совладаа актуелниот европски првак Ѓер со 24-18 и се на добар пат втора година по ред да бидат учесници на фајнл-фор турнирот во Будимпешта.

ЖРК Вардар- Ѓер 24-18(14-10)

Фантастичната Суслина го сопре првиот напад на Ѓер, а Лазовиќ и Алтхаус го најавија фуриозниот почеток на Вардар за 3-0 по 4 минути игра. Актуелниот освојувач на Лигата на шампионките не дојде во Скопје со бело знаме, тоа го покажа во продолжение на првото полувреме.

FLP_9320-2

Во 14-та минута Локе го изедначи резултатот на 6-6, но Вардарки со одлична одбрана и брза транзиција повторно ја вратија предноста од четири погодоци 11-7 во 20-та минута. Првите триесет минути ги одбележа одличниот цепелин на Вардар со играч помалку, кој Јованка Радичевиќ го претвори во предност за „црвено-црните“ од 13-9. Четрите голови ги одржуваа до крај на првиот дел кој заврши 14-10.

FLP_9223-2

Пенезиќ со својот трет гол на натпреварот го отвори вториот дел и го доведе Вардар на највисоки пет голови позитива 15-10. Предноста помеѓу три и пет голови разлика вардарки успеваа да ја одржуваат во текот на вториот дел, а голема заслуга за тоа имаше Амандин Лејно која беше несовладлива од линијата за седум метри во клучните моменти на натпреварот. Јованка Радичевиќ по неколкуте промашени зицери погоди два пати во низа во последните минути на натпреварот донесувајки го највисокото водство за црвено-црните од +6, 24-18. Лејно со успешно одбранетиот седмерец во последната минута ја подигна арената Јане Сандански на нозе и им даде шанса на своите соиграчки да патуваат в Ѓер со +7. Вардарки ја држеа топката до самиот крај но не успеаа да упатат удар на голот на Ѓер. На крајот конечни 24-18 за вардарки и голема шанса втора година по ред да бидат дел од фајнл-фор турнирот во женска конкуренција кој се одржува во Будимпешта.
FLP_9335-2
Најпрецизни во редовите на ЖРК Вардар беа Јованка Радичевиќ со седум, и Андреа Пенезиќ со пет постигнати гола. Ина Суслина стандардно беше одлична на голот со четиринаесет успешни интервенции. Во екипата на Ѓер најпрецизна беше Ана Сен со пет гола.
ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ