По примерот на Шведска и Чешка, двајца екс-репрезентативци на местото на Ѓукиќ во Црна Гора

Репрезентацијата на Црна Гора доживеа нова промена на селекторската позиција, но и на местото директор. Драган Ѓукиќ и Блажо Лисичиќ повеќе не се дел од националниот состав, а на нивно место се поставени нови лица.

Поранешните репрезентативци на Црна Гора, Зоран Рогановиќ и Драшко Мрваљевиќ ги добиваат раководните позиции во националниот тим и тие ќе ја предводат селекцијата во следните квалификации. Во комбинација биле и многу други тренерски имиња, но одлуката паднала на овие двајца ракометари бидејќи Црна Гора за пример ја земале ситуацијата во Шведска и во Чешка.

На позицијата селектор во овие две селекции се поранешни играчи кои соработуваат при водењето на националниот тим, па на ваков начин се гледа шансата за пласман на Црна Гора на следното Европско првенство.

Рогановиќ една година е во тренерскиот занает. Работеше во тимот на Лунд од Шведска каде живее во последните десет години. Драшко Мрваљевиќ, пак, е играчот кој најдолго ја има носено капитенската лента во репрезентацијата. И тој и Рогановиќ беа дел од репрезентацијата на Европското првенство во Норвешка.

Инаку, двајцата ќе работат во договор и најверојатно заедно ќе ги спојат функциите селектор и директор на репрезентацијата.