По долго време Струга победнички го отвори турнирот: Прва победа за домаќинот на отворање на „Струга 2019“

Традиционалниот струшки турнир по 47 пат се одржува на ракометното игралиште на популарната „Женска плажа“ покрај Охридското езеро. Стружани покрај отворањето на уште едно издание на најстариот ракометен турнир во Македонија се израдуваа и на првата победа на домашната екипа. Струга го совлада српскиот претставник Пролетер со резултат 25-20 (12-9).


Домаќините ја имаа контролата над натпреварот во сите шеесет минути. По првите триесет минути имаа предност од три голови, а во второто сепак дозволија противникот да се доближи, да го изедначи резултатот во 43-та минута (16-16) и да внесе возбудувања во играта. Гостите само за кратко се понадеваа дека можат до пресврт. Следуваше период во кој Струга воспостави контрола, а добрата одбрана и головите од контра напад ја вратија разликата од три погодоци. Тука заврши и отпорот на српскиот претставник, до 57та минута стружани имаа предност од пет голови и во рутинска завршница ја израдуваа домашната публика со победа од 25-20 со голот на Кериќ во последните секунди од натпреварот.

СТАТИСТИКА

РК СТРУГА 25-20 РК ПРОЛЕТЕР ЗРЕЊАНИН

Ракометно игралиште „Наумче Мојсовски“ Струга

Гледачи: 500

РК СТРУГА: Кузмановски 6, Крстаноски, Кериќ 3, Тренчевски 1, Барлакоски, Јанкулоски 1, Николиќ 4, Трајкоски 1, Костоски, Симоноски 1, Бугарчиќ, Новаковиќ, Меќиќ, Талески 8, Рајатоски

ТРЕНЕР: ИЛИЈА ТЕМЕЛКОВСКИ

РК ПРОЛЕТЕР ЗРЕЊАНИН: Шипка 2/2, Пешиќ, Тодоров, Рашиќ 2, Грачиновиќ 1, Живановиќ, Рниќ 7/11, Терзиќ 1, Кривошија 1, Мириќ 5, Канижај, Радовиќ 1/1, Карлаш 0/1, Кнежевиќ, Шару

ТРЕНЕР: ЉУБОМИР ОБРАДОВИЌ