Последната вардарка без ангажман најде клуб: Саздовска две години во шампионот на Германија

Уште една ракометарка на Вардар која немаше ангажман си најде клуб за следната сезона, а Македонија ја доби втората ракометарка во краток период која ќе игра во најсилната лига во Германија.

Репрезентативката Јована Саздовска се договори со екипата на Турингер и во следните две сезони ќе го носи дресот на овој клуб. Саздовска настапува на позицијата лево крило и ќе биде добро засилување за клубот кој е седумкратен шампион на Германија и кој во новата сезона ќе игра во Бундес лигата.

Таа во својата кариера играше и за Металург, а имаше и кратка интернационална кариера во Романија.

„Задоволна сум што во новата сезона ќе играм за екипата на Турингер. Особена чест ми е што овој тим појави интерес за мене и што ќе можам да настапувам во Бундес лигата. Драго ми е што тренерот Херберт Милер покажа интерес за мене. Со нетрпение го очекувам мојот прв настап“, изјави Саздовска за клупскиот сајт.

И тренерот е задоволен што ќе ја има Саздовска во екипата.

„Дојдовме во проблеми на позицијата лево крило откако Шилк мораше да се повлече поради бременост. Квалитетот на Саздовска ми е познат бидејќи сме играле многупати против репрезентацијата на Македонија и против Вардар. Таа сакаше да игра и во новата сезона во Лигата на шампиони и драго ми е што ќе ја имаме во тимот бидејќи ни беше потребен таков тип на играч“, вели тренерот Херберт Милер.