Пионерките на Вардар ќе настапат на турнир во Црна Гора

Пионерките на Вардар од утре, 24 мај, до недела 26 мај, ќе настапат на ракометниот турнир во Никшиќ, Црна Гора. Избраничките на Анжела Платон и Марија Папуџиева на турнирот што се одржува шеста година по ред за девојки помлади од 18 години ќе се натпреваруваат против екипи од регионот.

Вардар е во првата група во категоријата девојки родени 2002 година и помлади, каде противници се и домаќините на турнирот Левалеа 2010. Во истата група се и Дубица од Босна и Херцеговина, ракометната репрезентација на централна Србија и Крим од Словенија.

Првиот натпревар во петок е против Дубица во 15:00 часот, а в сабота во 12:00 часот младите вардарки ќе играат против репрезентацијата на централна Србија, додека во 16:00 часот против Крим. Во 19:00 часот на програмата е средбата против домаќините, Левалеа. В недела се натпреварите за пласман.