Пелистер убедливо до три бода кај дебитантот Цемс

Екипите на Цемс и Пелистер ја отворија новата сезона во Женската лига,а  сосема очекувано битолчанки се изборија за триумф и си заминаа со трите бода од гостувањето во Скопје. Победија со 33:23 така што тргнаа во сезоната според планот.

Домашните кои се дебитанти во сезоната беа во предност само на стартот и водеа во првите 5-6 минути. Тука дојде до пресврт на работите, а Пелистер првпат поведе со 5:4 и брзо направи плус три (7:4). Од тој момент до крајот на првото полувреме работите одеа во корист на Пелистер, кој успеа до крајот на првото полувреме да стигне до 13:9.

Во второто полувреме разликата растеше и на ракометарките на Цемс им беше тешко да следат. Не успеаја да ја запрат Николовска која имаше ефикасна игра во нападот, а добра помош имаше и од Божиновска и од Јанкуловска. Во Цемс добра партија имаше Василева која постигна 13 гола, а шест од нив беа од линијата од седум метри.

На крајот десетте гола разлика покажаа дека Пелистер е во добра форма и оправдано најавува атак на трофеите во Женската лига.

ЦЕМС – ПЕЛИСТЕР         23:33 (9:13)

Сала: „Христо Батнџиев“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ЦЕМС: Филиповска, Станчева, Сандева, Блажевска, Цветковска 1, Мартиновска 1, Донева, Карчева, Василева 13, Алушовска, Чоловиќ, Николова, Цветковска, Пецанова 6, Костадиновска 1, Китановска 1.

Седмерци: 7/9, Исклучувања: 6 мин.

ПЕЛИСТЕР: Дурланова, Кицеска, Каковска, Божиновска 6, Апостоловска, Раиф, Глигоријадис 4, Николовска 9, Милосављевиќ 1, Талевска 1, Чокели 4, Филипоска 1, Јанкуловска 6, Каранфиловска, Белевска 1.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 16 мин.