Пелистер конечно врза две победи во серија, славеше над Вардар Јуниор

Ракометарите на Пелистер конечно врзаа две победи во Суперлигата, откако по триумфот минатиот викенд над Борец, потешко од очекувањата стигнаа до триумф и на гостувањето во Скопје кај Вардар Јуниор со 30-34.

Домашните го отворија мечот со водство од 3-0, а имаа и предност од четири голови, 8-4, на средината на првиот дел. Тоа ги разбуди битолчани, па некако се вратија на пристојна негатива, 9-8, а подоцна преку Поповиќ стигнаа и до 11-11.

Сепак гостите повторно имаа пад во играта, па младите избраници на Стојан Петрушевски се одлепија на 14-11 и таквата предност не ја испуштија до крајот на првото полувреме, па на пауза се замина со 19-16.

Во вториот дел како да видовме нов Пелистер. До 40. минута, контролата на теренот ја имаше Вардар Јуниор, а потоа гостите со фуриозна игра ја обезбедија победата. Домаќинот водеше со 25-22 и потоа комплетно се распадна нивната игра.

Не погодија ниту еднаш во следните петнаесетина минути, а битолчани се изнадаваа голови. Поповиќ, Димитровски, Черубин го полнеа домашниот гол и Пелистер со серијата од девет голови по ред, стигна до водство 25-31.

До крајот немаше дилеми околу конечниот победник и мечот заврши 30-34. Најдобри стрелци кај победничката екипа беа Черубин со осум и Поповиќ со седум, додека во домашниот состав се истакнаа Крстевски со девет и Димитровски со осум погодоци.