Пелистер го повлече дресот на Боро Чурлевски со бројот 4

Првиот ден од Меморијалниот турнир во Битола „Боро Чурлевски“ мина во знакот на двете средби на кои настапија македонските екипи, но и во повлекувањето на дресот со бројот 4. Овој дрес во иднина ќе стои кај семафорот во салата и ќе биде обележје на истата која веќе го носи името на легендарниот ракометар.

Боро Чурлевски играше со бројот 4 и во Пелистер и во репрезентацијата на Македонија, па во негова чест е организиран и турнирот и сега е одадена почест за сето она што го направи за клубот во минатото.

Чурлевски ја загуби битката со болеста, а сега клубот одлучи на ваков начин да му одаде почит за сиот придонес. Инаку, дресот со бројот 4 беше предаден на семејството, додека огромен дрес ќе биде кај семафорот во салата која го носи негово име веќе извесно време.