Парондо: Некој да ми кажеше пред девет месеци дека ќе играме на Ф4, ќе му кажев дека е луд!

Шпанскиот стратег Роберто Гарсија Парондо е минато за Вардар. Иако беше само една сезона на клупата на македонскиот првак, сепак успеа да му донесе европска титула. Успеа да го извлече максимумот од екипата, да ги надмине сите проблеми и да го предводи Вардар до четири трофеи сезонава, до титулите во СЕХА лигата, Лигата на шампионите, титулата во Македонија и Супер купот во Македонија. Тој наследи тим во Вардар кој требаше да мине трнлив и долг пат додека стигне до европскиот врв. Но, не само што стигнаа туку и повторно успеаја.

Одлично се носеа со улогата на аутсајдер, не се грижеа што сите ги отпишуваа Покажаа како е да се игра со срце и покрај проблемите со повредите, парите. Вардар ги сруши сите логични работи во спортот покажувајќи дека тимскиот дух, заедништвото се многу повеќе од парите и фаворитската улога

„Мислам дека сега сите сфаќаат што сме направиле. Кога победивме во финалето сите бевме среќни, а кога дојдовме во Скопје пречекот што ни го приредија беше нешто неверојатно. Тоа не се опишува со зборови. Сега е повеќе од две недели откако заврши тој натпревар, и стануваме се повеќе свесни што сме постигнале. Дека сме направиле нешто навистина големо, во три сезони двапати да бидеше европски првак. Вардар е најдобриот тим во Европа. Тоа е навистина одлично, но и тешко да се оствари. Малку клубови може да се пофалат со сличен резултат“, вели Парондо.

Тој открива што би му рекол на некој, доколку пред девет месеци му кажел дека Вардар ќе биде на Ф4.

„Па веројатно дека е луд. Сакав да бидеме фокусирани на секој меч посебно и затоа не мислевме далеку. Играчите ми кажаа дека во некое интервју на ЕХФ не сме биле ставени како фаворити и тоа некако ми беше чудно. Ни заминаа доста играчи, но ние сме навистина добра екипа. Им верувам на овие играчи. Па и кога велеа дека нема да бидеме на Ф4, имавме верба во себе“, продолжува Парондо.

Шпанскиот стратег открива и на кој натпревар најмногу ќе се сеќава и по што ќе го памети престојот во Вардар.

„Секако полуфиналето и финалето на Ф4, бидејќи беше луд викенд за нас. Но, и оној меч со ПИК Сегед тука, тој беше многу важен. Пред се благодарност за сите што работат во Вардар и сите што ме поддржуваа. Ние минавме две одлични сезони. Моето семејство не сака да замине бидејќи тука име одлично. Многумина ми велат благодарам но и јас сакам да им се заблагодарам. Скопје останува во моето срце“, завршува Парондо.