Парондо: Македонија, Скопје и навивачите не можат да загубат ваков тим

Ситуацијата во Вардар и понатаму е неизвесна односно уште нема официјална потврда околу буџетот за следната сезона и иднината на клубот. Некои неофицијални информации веќе се познати и објавени, но мора да се почека да бидат и официјално потврдени.

Затоа, пак, тренерот на Вардар, Роберто Парондо во изјава за шпанските медиуми има оптимистичка изјава и вели дека Македонија нема да си дозволи да загуби таков бренд.

„Пред неколку дена се отвори можност за спас на клубот. Иднината на Вардар во моментов е многу комплицирана. Луѓето сакаат да го спасат клубот, а буџетот за кој се зборува дека би можел да го има Вардар дава можност за продолжување на високо ниво. Македонија, Скопје и навивачите не можат да загубат таков тим“, вели Роберто Гарсија Парондо за шпанските медиуми.

Тој потврдува и дека веќе се подготвуват за полуфиналето во Лигата на шампионите против Барселона и дека успеале неколкупати сезонава да го демантираат ЕХФ при нивните рангирања.

„На почетокот на сезоната, сите забележаа дека Вардар не беше меѓу првите десет тимови за освојување на титулата во Лигата на шампионите. Тоа ми помогна многу бидејќи ги мотивираше играчите. Потврдивме дека работиме квалитетно со играчите кои ги имаме во тимот и сум многу горд и среќен поради она што го направија. Пласманот на Ф4 турнирот во Келн е награда на она што тие го работеа во текот на целата сезона“, изјавува Парондо.

До мечот против Барселона кој се игра на 1 јуни во Келн од 18 часот остануваат нешто повеќе од две недели така што во следните денови ќе станува сè пожешко кај „црвено-црните“.