Паличка правеше „чуда“, ги откажа Аргентинците и ги доведе до лудило

Голманот на репрезентацијата на Шведска, Андреас Паличка одработи одличен натпревар против селекцијата на Аргентина и буквално самиот ги откажа противничките ракометари и донесе огромна предност и рано решавање на победникот. Тој бранеше феноменално и буквално им стави знак СТОП на Аргентинците и донесе уште два бода за европските вицешампиони. Шведска победи со 31:16 при што во вториот дел Аргентина имаше само шест гола.

На стартот средбата имаше еден сосема поинаков тек. Аргентина покажа дека има играчи кои знаат да одиграат добро и да зададат грижи и проблеми за фаворитот. Сепак, тоа траеше некои 15-20 минути, по што следуваше целосна доминација на Швеѓаните. Тргнаа силно, па ја казнуваа секоја и најмала грешка која ја правеа противниците. Со таква игра стигнаа до плус пет на одмор и резултат од 15:10.

Силниот ритам продолжи уште од стартот на второто полувреме, па брзо стана јасно дека Шведска ќе има висока победа на овој дуел. На тоа се придодаде Паличка кој правеше „чуда“ на голот и бранеше неверојатни удари. Аргентинците беа доведени до лудило и не можеа да најдат начин да го совладаат. За 30 минути постигнаа само шест погодоци, па на крајот разликата беше дури 15 гола. Конечните 31:16 во корист на Шведска беа комплетен приказ на она што беше направено на теренот.

Покрај одличниот Паличка, кај Шведска добра игра во нападот имаа Захрисон и Екберг. Првиот имаше шест, а другиот пет гола и беа најефикасни кај победникот. Кај Аргентина Федерико Фернандез со шест гола беше единствениот расположен на средбата.

Утре Шведска одново е фаворит за победа, а противник е селекцијата на Ангола, додека Аргентина ќе се надигрува со Египет.