Ојлески: Добро сме подготвени и полни со позитивна енергија

Еден од поискусните ракометари во редовите на Еурофарм Работник, кој е и капитен на оваа екипа, Гоце Ојлески денеска беше претставник на ракометарите на пресот пред дуелот против Спортинг в недела. Тој добро знае како е да се игра на ваквиот тип на средби така што неговото искуство ќе биде од голема важност.

„Голема чест е што сме дел од Лигата на шампионите и што се натпреваруваме со најдобрите во Европа. Спортинг е фаворит, не само на овој натпревар, туку и во групата, но кај нас владее позитивна енергија. Добро сме подготвени и сметам дека можеме да го изненадиме Спортинг в недела“, изјави капитенот на Еурофарм Работник.

До одигрувањето на средбата останува уште малку време така што и подготовките се во завршна фаза. Сега на тренерот Алушовски е да ги одбере најдобрите 16 пред да биде одигран овој меч на кој ќе треба да се покаже најдоброто издание сезонава. Максимално е важно да се стартува добро во натпреварувањето бидејќи секој бод ќе биде од голема важност до крајот на лигата со оглед на тоа што се играат десет кола.

Натпреварот в недела се игра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а почнува во 17 часот.