ОФИЦИЈАЛНО: Димитар Димитриоски потпиша за европскиот шампион Вардар!

Како што најави 24Ракомет пред една седмица, еден од младите репрезентативци на Македонија, Димитар Димитриоски (21) е нов член на Вардар. Левото крило потпиша двегодишен договор со „црвено-црните“ и ќе му прави друштво на Тимур Дибиров во новата сезона. Со доаѓањето на Димитриоски клубот продолжи со засилувањето и подмладувањето на тимот во одбрана на европската титула.

Димитриоски иако е млад веќе има искуство со настапите во регионалната СЕХА лига и во Лигата на шампионите. Брзината и експлозивноста му се главна карактерстика. Тој веќе е на списокот на сениорската репрезентација на Македонија и играше во квалификациите за ЕП 2020 година. Ги помина и сите младински селекции во репрезентацијата, покажувајќи дека е подготвен и за поголеми спортски успеси.

Доаѓа од спортско семејство каде ракометот е спорт број 1, а пет години настапуваше за екипата на Металург. Сезонава го освои Купот на Македонија, а играше и во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Димитриоски беше планиран за настап и на последното СП 2019 година, но поради повреда на последниот тренинг пред тргнување отпадна од комбинација.

„Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и неафирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет. Димитриоски не е само талентиран, туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи. Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи“, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Вардар досега ги потврди голманот Артурс Кугис, пивотменот Сергеј Горпишин, средниот бек Павел Атман, плус левото крило Димитар Димитриоски, а во следниот период се очекува потврда и за ангажманот на десниот бек Хозе Толедо.