ОД НАВИВАЧКИ АГОЛ: Време на ракометна историја

Во пресрет на финалните турнири во женска и машка конкуренција, и сите настани кои не` опкружуваат особено изминатиот месец, можам да кажам дека сме среќни што сме дел од ракометната историја.

Ретко останувам без зборови, но сите последни настани почнувајќи од СЕХА финалниот турнир во Скопје, последните натпревари на постоечките шампионски тимови на РК и ЖРК Вардар, како и вестите кои пристигнуваат за иднината, ме оставија без текст. Се` она за кое децении назад сонуваме, сега го живееме. А тешко дека во блиска иднина тоа ќе биде надминато.

СЕХА финалето беше конечно кај нас. И го освоивме. Отидовме во сала спремни за првпат во живо да ја пееме „We are the champions“ со својот тим. Беспрекорно организиран настан. На ниво на финале на ЛШ, или на големите ракометни првенства. Раскош, перфектна ракометна игра, музички паузи и шоу. Па дури и за првпат видовме цела публика да ракоплеска на тајмаутите… девојките кои, мислам, исто настапуваа на Европското првенство во Хрватска беа дојдени кај нас. Имаше навивачи од Брест и од Целје, единствено недостигаа навивачите од Загреб, штета… За првпат имавме можност и кај нас да видиме заедничко прославување на успесите и фотографирање на навивачи од различни тимови – како што сме гледале по другите земји низ Европа. А како шлаг на делото, моментите кога ракометарите на Вардар беа прогласени за Шампиони, со никогаш виден огномет во сала, лајт шоу, музика и бескрајна радост.

Неспорно, момент за историја!

Тој викенд го пројдовме во „Јане Сандански“. Помеѓу СЕХА натпреварите во петок и недела, саботата беше резервирана за ЖРК Вардар и нивниот последен меч во историјата на ЛШ на свој терен, пред да ги снема. Натпреварот беше уште една потврда за тоа колку е моќен овој тим на Вардар. Од искуство ќе кажам дека ретко кога и да успеваат да се создадат такви тимови. Со грутка во грлото и мокри очи го дочекавме крајот. Девојките кои изминатите 5 години остварија толку успеси за нас, потклекнаа на атмосферата… Салата навистина полна, а публиката како да сакаше да покаже колку цени се` она што до сега направија. По завршетокот на утакмицата уште многу минути ечеа навивачки песни, поздрави со ракометарките и многу, многу солзи на сите страни. Знаев дека ќе биде така, но си реков, ова не го пропуштам за ништо… Затоа што знаев дека ќе доживееме уште еден момент за ракометна историја.

Потоа следеа двата четвртфинални дуели на Вардар со Кил… Кил, тимот од кој ни се треселе колената кога ќе сме се сретнеле во групи или двомечи, сега беше само уште една играчка за нашиот Шампион. Луѓе драги, многу, многу минути, часови, денови, години имам поминато со ракомет… Вакво нешто како нашиот Вардар имам видено само неколку пати, на прсти да се избројат. Можам да кажам пример Барса во еден период, Кил една-две сезони, како и неприкосновените репрезентации на Шпанија и Франција на национално ниво.

Мислам дека магијата е точно во душата на тимот, кој од претежно просечни играчи успеа да стане најдобар. Искрено верувам дека ако успеат и на последниве два натпревари да ја зачуваат таа заедничка синергија, многу се големи шансите повторно да станат Шампиони и воедно да бидат единствени кои тоа го сториле, како уште еден дел од ракометната историја.

На тој последен меч за поголемиот број на играчи и нашиот Раул, не беше толку трогателно како со женскиот тим за кој сигурно знаеме дека целосно нема да постои. Но, уште подолго по завршување на мечот Комитите пееја песни кои ја допираа душата, а ракометарите се вратија да направат уште една почест и да се испратат со своите верни навивачи во голем стил.

Дефинитивно, момент кој не се заборава. За историја.

Во овие историски моменти, не може да го прескокнеме и нашиот најголем ракометар на сите времиња, единствениот Кире Лазаров. Тој е единствениот ракометар кој со 4 различни тима успеал да се квалификува на Ф4 турнирот. На своите прилично бројни години, кога можеби остануваат да играат само уште ракометните голмани, тој игра и тоа со висок стил, на позиција на бек. Со секој негов следен потег тој руши нови рекорди и поставува нова историја, за која верувам, многу тешко ќе биде некој во блиска иднина да ја надмине. А секако се надевам.

Во исчекување на иднината, а и во надеж дека ќе се случи историското чудо да имаме шампиони во двете класи на Лигата на Шампионите, можеме да кажеме – среќни сме што живееме во време во кое сме дел од историјата што засекогаш ќе остане запишана. Бескрајно сме благодарни на сите оние кои придонесоа целиот свет да чуе за Вардар, кој игра под знамето на Македонија. Бескрајно се надеваме дека и следната сезона ќе гледаме добар ракомет и ќе имаме конкурентен тим, барем во машкиот ракомет. А нешто што најмногу посакуваме и за кое секогаш навиваме, е победнички тим, како клубски, така и национален, создаден од македонски играчи. Сите овие школи за ракомет, како никогаш досега, ветуваат такви желби.

А сега, одбројуваме ситно до Будимпешта и Келн. Напред Шампиони! Дишеме заедно со вас… За историја!

ПИШУВА: А.К.Н.