Обрадовиќ и се налути на Лекиќ, не ја повика за квалификациите за ЕП

На списокот на ракометарки на Србија за следните квалификациски средби ја нема поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Лекиќ која е една од најдобрите и понатаму во селекцијата на северниот сосед. Селекторот Љубомир Обрадовиќ не ја повика за дуелите со Швајцарија и Словачка, а неофицијално и е лут бидејќи на последните собири во мај и јуни не се појави и не го оправда своето отсуство.

„Немам коментар на тоа зошто Лекиќ не е во репрезентацијата. Зошто никој не ме праша за нејзиното отсуство на натпреварите со Полска и на ЕХФ недела кога игравме во Шпанија? На крајот на краиштата, тогаш медицинскиот тим немаше никакво известување ниту потврда дека таа има повреда и не може да игра. Сметам дека списокот на ракометарки за овие средби од квалификациите е коректен. Прашањето зошто не е Андреа во тимот, сметам дека е исто и за секоја друга ракометарка. Истото прашање може и тогаш да се постави“, вели Обрадовиќ.

Средбите се играат на крајот од месецов, а со оглед на тоа што ќе ја нема Лекиќ ќе мора и без неа да се оди на максимум и да се освојат бодови.