Норвешка се разбуди од сонот, ја торпедираше Унгарија

Селекцијата на Норвешка која ја брани титулата Европски првак имаше доминација на средбата против Унгарија која ја доби со високи 38:25.

Норвежанките покажаа дека се решени да дојдат до максимум во завршницата, па на најдобар можен начин го искористија дуелот со Унгарките. Тргнаа силно и брзо обезбедија висока предност која до крајот на првото полувреме стигна од седум гола. На паузата Норвешка беше со 19:12.

Вториот дел беше само формалност. Норвежанките продолжија во ист стил и ја зголемуваа разликата. Вторите 30 минути ги добија со 19:13 и со вкупни 38:25 се изборија за важни бодови на стартот на втората фаза.

Хајди Локе со седум гола беше најефикасна на средбата, додека повратничката во репрезентацијата Камила Херем имаше шест гола исто колку и Офтедал. Катрине Лунде со 11 интервенции помогна во обезбедување на висок триумф. Во Унгарија, Бланка Биро заврши со девет интервенции додека Габриела Тот со шест гола беше најефикасна.