Нова тура, нова авантура: Пролет четврти пати во Европа, прв во ЕХФ Купот!

Тимот на Пролет со одличниот пласман од минатата сезона во Суперлигата, обезбеди место во Купот на ЕХФ. Иако го прескокна првото квалификациско коло, во второто стартуваше од вториот шешир, па за противник доби незгодна екипа, а станува збор за Бањик Карвина.

Овој излез во Европа ќе биде вкупно четврти за македонскиот тим, но прв во ЕХФ Купот. Сите три претходни беа во најслабиот европски куп Челинџ. Пролет ги дочекува овие два меча како аутсајдер, не само поради гостинскиот терен, туку и поради серијата порази во Суперлигата.

Избраниците на Никола Матлиески го победија само Охрид во првото коло, а потоа доживеаја порази од Пелистер на гости, од Еурофарм Работник и од Бутел на домашен терен. Особено последниот пораз може да биде клучен за пласман во плеј-офот, иако има уште многу да се игра.

Карвина, пак е во подобра форма. Од пет меча во чешкиот шампионат, славеа на три, еднаш одиграа реми и еднаш загубија минимално. Поразот е од Јичин, ги победија Нове Весели, Литовел и Хранице, а ремизираа со Копривице.

Двата меча ќе се играат во Карвина – Нове Место во спортската сала „Старс“. Првиот е на програмата в сабота од 18:00 часот, додека реваншот е в недела од 10:30 часот.

Судии на овие натпревари ќе бидат Озрен Бацковиќ и Мирко Палачковиќ од Словенија, а делегат ќе биде Васили Фегир од Украина.