Ништо ново од вицепрвакот: И Чеховски Медведи пресилен за Металург

Ракометарите на Металург пртрпеа уште еден пораз во новата сезона од Лигата на шампионите. Со уште пократка ротација, без Мартин Серафимов, тимот на Автокоманда немаше сили да му спротистави на ослабениот руски шампион Чеховски Медведи и загуби со 33-25.

По почетните 2-2, домаќинот искористи две грешки на Металург и поведе со 4-2 и оттогаш се беше во знакот на домашниот тим. По петнаесетина минути, Русите водеа и со +6, 10-4, а до крајот на полувремето двете екипи брзо ги завршуваа нападите, па на пауза се замина со 18-13.

На стартот на вториот дел Јагањац, Лазаревски и Танкоски успеаја да намалат на 18-16, а како одминуваше времето избраниците на Оливер Димитриоски ја подобруваа својата игра. Вреди да се одбележи и првиот погодок во ЛШ за Стефан Додиќ, кој од пенал намали на 20-18.

Токиќ го донесе Металург и на минус 1, 21-20, но во незгодно време се појави „црната дупка“. Тимот од Автокоманда правеше наивни грешки во нападот, и тоа беше доволно за домашниот тим да ја врати контролата во мечот и со серија од 7-1, стигна до 28-21.

Во последните десетина минути немаше дилеми околу победникот и „мечките“ го добија мечот со 33-25. Најдобри стрелци кај Чеховски Медведи беа Санталов со шест голови, Останченко со четири и Андреев со три погодоци.

Кај  Металург се истакна Јагањац со седум погодоци и Токиќ со четири, додека и покрај поразот голманот Никола Даниловски имаше одлична партија. За Металург сега претстојат два меча од СЕХА лигата на домашен терен, против Железничар и Татран Прешов.