Не успеа во Металург, ќе се обиде во Романија

Хрватскиот интернационалец Тео Чориќ, кој не помина ниту една полусезона во македонскиот вицепрвак Металург, од лето ќе има нов клуб. Кружниот напаѓач потпиша за Баја Маре и ќе настапува во романскиот шампионат.

Тој дојде како големо засилување во тимот од Автокоманда, но не успеа да се наметне, па договорот му беше раскинат за кратко време. Чориќ беше сметан за еден од поголемите таленти во хрватскиот ракомет, но како одминуваше времето, неговата форма одеше во надолна линија.

Потекнува од Замет Ријека, а ги носеше дресовите на Пореч и Загреб, пред да се пресели во Германија. Остана две сезони во Штутгарт, а потоа играше и во второлигашот Рајн Викингс, заедно со уште еден екс член на Металург, Миладин Козлина.

Металург ќе остане и без вториот Хрват на пивотменската линија, Адриан Миличевиќ, кој потпиша за словенечки Марибор.