Митревски е херој на денот, ја однесе Македонија на Европско првенство (ВИДЕО)

Голманот на репрезентацијата на Македонија, Никола Митревски, кој бранеше во второто полувреме против Турција и имаше неколку интервенции со кои директно учествуваше во пресвртот особено после негативата од четири гола е херој на денот. Сепак, неговите седум одбрани остануваат само како статистика бидејќи осмата е онаа која ќе се памети.

Митревски успеа да го одбрани шутот на Дорук Пеливан после истекот на времето. Иако беше блокиран и не можеше да го види патот на топката, успеа со одличен рефлекс да реагира и со нога да го запре ударот на противникот и на тој начин да помогне Македонија да се пласира на Европското првенство.

Сепак, оваа одбрана не е само за пласман на шампионатот туку може да значи и прво место бидејќи со овие два бода Македонија доаѓа во подобра позиција во однос на Исланд. Македонија сега има бод повеќе, но и подобар меѓусебен дуел од Исланд и тоа значи дека сега е потребна победа против Грција за прво место во Групата 3 и подобра позиција во ждрепката за Европското првенство.