Мирко Мајиќ го продолжи договорот со Бутел Скопје

Најдобриот стрелец во плеј-офот од Суперлигата во штотуку завршената сезона, Мирко Мајиќ, ќе остане во Бутел Скопје уште една сезона. Некогашниот член на Радовиш и Струмица е среќен по продолжувањето на соработката.

„Го продолжив договорот со Бутел Скопје на уште една сезона. Зад мене е една прекрасна сезона и една од најуспешните во мојата кариера. Соработувам со прекрасни луѓе во Бутел и совршени спортисти. Дружбата на терен и надвор од него беше еден од клучните фактори за да го продолжам договорот, како и големиот успех што го направивме минатата сезона. Имав многу турбуленции, операција, но се вратив посилен и психички и физички. Сите верувавме во тимот и ја остваривме целта, а таа беше пласман во Европа. Работевме напорно цела сезона. Ќе дадеме се од себе за достојно да ја претставиме Македонија во ЕХФ Купот, па сите да видат дека во оваа држава се работи квалитетно и дека има една од најсилните лиги во регионот. Македонија е мојот втор дома, се чувствувам одлично, стекнав многу пријателства. Македонскиот народ е пријатен, дружељубив, па во ниту еден момент не размислував да одам, бидејќи немав ниту една причина за тоа“, вели Мајиќ.

Бутел ќе ја претставува Македонија во Купот на ЕХФ, а можните ривали нашиот тим ќе ги дознае на почетокот на јули.