Милосављев: Вистинските херои се раѓаат кога се соочуваат со тешки ситуации

Голманот Дејан Милосављев е еден од најзабележителните поединци во дресот на Вардар оваа сезона. Тој дојде на местото на Арпад Штербик и во целост ги оправда очекувањата на јавноста. Србинот открива како стигнал до ова ниво на кое што е.

„Целиот тим, посебно тренерот на голманите Дејан Периќ, многу ми олеснија бидејќи поминаа многу време работејќи со мене. Тренинзите и добрата соработка со најдобрите играчи во светот ми дадоа верба, ја подигнав самодовербата за да можам да играм против секој противник. Сакам да играм под притисок и како што велат тренерите и искусните играчи, нема шампион ако нема притисок“, вели голманот на Вардар.

Српскиот репрезентативец вели дека негова најголема желба е да стане европски првак со Вардар во Келн.

„Триумф на Ф4 турнирот е сон на секој ракометар. Многу сум среќен што ќе бидам дел од овој турнир, да видам како тоа изгледа. Мојата желба е да станам шампион во Келн. Желбата за победа и одличниот квалитет и искуството на играчите се заштитен знак на Вардар. Вистинските херои се раѓаат кога се соочуваат со тешки ситуации и можам слободно да кажам дека моите соиграчи се најголемите херои што ги познавам“, завршува Милосављев.