Миклер херој по драмата во Монпелје: Сефте победа за Дејвис во Веспрем

Тимот на Веспрем со новиот стратег на клупата, Давид Дејвис, ја забележа втората победа по ред во Лигата на шампионите. По гостинскиот триумф над Мешков Брест со еден гол, унгарскиот тим победи и кај европскиот шампион Монпелје со еден гол разлика, 29-30. Десниот бек Мелвин Ричардсон ги погоди првите два шута за Монпелје, а првиот гол за Веспрем по двете грешки беше дело на Ласло Наѓ дури во 5. минута. По 4-2 за домашните, избраниците на Дејвис врзаа три гола во серија за прво водство, 4-5.

Имаа гостинските ракометари и предност од +2, со головите на крилата Манасков и Гајиќ, 6-8, а таквата разлика ја одржаа до 21. минута кога беше 10-12. Потоа имаше црн период во играта на Веспрем и за пет минути не постигнаа ниеден, а примија пет гола. Монпелје водеше со 15-12, а во финишот на полувремето унгарскиот вицепрвак успеа да намали на еден гол негатива, 15-14, но Валенти Порт во последната минута се потруди да му донесе +2 на Монпелје на паузата, 16-14.

Во вториот дел Ричардсон веднаш зголеми на 17-14, но Миклер го замени Штербик и одбрани два напади, кога Веспрем играше без исклучените Благотиншек и Мачковшек. Унгарскиот репрезентативен голман фати и пенал на Кавтичник, па тоа беше мотив плус за Веспрем. Гостите се вратија на 22-22 на средината на вториот дел, но возбудувањата допрва почнуваа. По 23-23, Миклер повторно одбрани зицер, а Ненадиќ стрелаше за предност од 23-24. Три нови интервенции на унгарскиот голман и Веспрем веќе беше на 23-26 на десетина минути до крајот.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, кој во првиот дел играше на својата природна позиција – лево крило, во вториот дел играше и на десната страна. Тој даде гол за 24-27, но Портнер врза две одбрани на голот на Монпелје и домаќинот се врати на 26-27. Ричардсон беше расположен за голови кај домашните и му донесе реми на неговиот тим 29-29 пред стартот на последната минута. Веспрем поведе со 29-30, а за Монплеје имаше триесетина секунди за реми. Мамду имаше чиста ситуација, но Миклер одбрани и победата остана за Веспрем.

Најдобри стрелци кај победникот беа Штрлек со шест и Нилсон со пет погодоци, а Дејан Манасков имаше два, додека кај Монпелје, за кој ова е петти пораз, се истакнаа Ричардсон со седум и Порт со пет голови.