Металург останува без Словенецот: Пучник се сели во Ред Бојс Диферданж

Средниот бек на Металург, Миха Пучник, на крајот на оваа сезона ќе си замине од Автокоманда и ќе се пресели во Луксембург. Словенечкиот интернационалец дојде кон крајот на минатата година, и го оправда очекувањата на раководството на македонскиот вицепрвак.

Иако имаше понуда да остане во Македонија по завршувањето на сезоната, сепак Пучник се реши за нов интернационален предизвик. Тој ќе заигра за составот на Ред Бојс Диферданж, некогашниот шампион на Луксембург, каде што своевремено тренер беше македонскиот селектор Данило Брестовац.

Покрај Пучник, од Металург досега потврдени се заминувањата на Марио Танкоски и Бојан Маџовски во Еурофарм Работник, на Адриан Миличевиќ во Марибор, како и на Александар Шпенде во Загреб.