Металург на чекор до титулата, славеше над Куманово

Металург успеа да слави уште една победа во рамките на плеј-офот од Женската лига. Во тежок и цврст дуел, девојките предводени од Јулијана Дамчевска го совладаа директниот конкурент за титулата Куманово со 20:17 и дојдоа на чекор до титулата во домашниот шампионат.

Вистинско дерби имаа можност да видат гледачите во салата „Автокоманда“. Двете екипи негуваа цврста игра, а подобро започнаа домаќиниите кои поведоа со 4:0. Истото не успеа да ги демотивира кумановки кои со подобра игра во продолжение набрзо се вратија во натпреварот, и намалија на еден гол негатива на полувремето, 11-10.

Почетокот на вториот дел означи и крај за надежите на Куманово. Металург тргна со серија од 6:2 и стигна до пет гола предност. Значаен фактор во победата на домаќинот беше и одличната на голот, Амра Илјаз, која во првото полувреме беше главната причина за водството на својот тим.

Оваа победа е можеби клучна за тоа кој ќе ја освои титулата во домашниот шампионат. До крајот има уште пет средби, а Металург има пет поени повеќе, но и натпревар помалку од Куманово.