Металург даде отпор, но бодовите се за шампионот на СЕХА

Ракометарите на Вардар стартуваа со победа во новата сезона во СЕХА откако денеска го совладаа Металург со 34:28. Металурзите беа добар противник во текот на сите 60 минути, но на теренот се виде дека во последните 15 минути немаше сили за да се издржи во силното темпо.

Ова беше 10. победа за Вардар во пресметките против Металург во СЕХА, а вкупно седма во серија.

Уште на почетокот од натпреварот се виде расположеноста во таборот на Металург, а воедно и мотивираноста кај ракометарите на тимот од Автокоманда да покажат дека можат да се носат со вардарци. Парираа во добар дел од мечот и постојано се држеа во нерешен резултат така што имаа што да покажат и на теренот.

Неизвесноста траеше долго. Вардар имаше гол предност, но тоа не беше гаранција за мирно продолжение. Металург издржа до 10:10, а тоа беше во 17. минута од натпреварот. Томовски помагаше колку што можеше бранејќи тешки топки, па тоа даваше и шанса за добар резултат.

Сепак, после 10:10 следуваше една серија на „црвено-црните“ од 4:0, но тоа не беше доволно за да може со вака висока разлика да се замине и на одмор. Металург одново намали, па на одмор беше 17:15.

Вториот дел тргна одново во силен ритам од металурзите. Успеаја да се доближат, па во 38. минута и да израмнат на 20:20. Тука се крена тензијата и беше јасно дека доколку Вардар ја сака победата ќе мора да го крене ритамот на играта.

Ваквата игра донесе и нервоза. При еден дуел меѓу Кристопанс и Маџовски се вжештија страстите на теренот. Дибиров влезе во вербален дуел со Маџовски, па судиите му доделија црвен картон при 23:22 во 43. минута од средбата. Тоа како да беше мотив плус за соиграчите, па брзо се обезбедија плус четири и 26:22.

Оваа разлика до крајот се зголемуваше. Металург не успеа да го задржи ритамот, па остана без бодови иако според играта која беше прикажана и борбеноста разликата требаше да биде помала. Сепак, финишот беше за Вардар, па актуелниот шампион во СЕХА стигна првата победа во новата сезона.

ВАРДАР – МЕТАЛУРГ   34:28 (17:15)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1500. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ВАРДАР: Милосављев (12 одб.), Кизиќ, Петковски, Недановски 1/1, Поповски 1/1, Кристопанск 4/6, Мораеш 8/10, Скубе 2/3, Калараш, Чупиќ 4/5, Дибиров 5/7, Горбок 2/3, Шишкарев 4/4, Војводиќ 1/2, Кисељев 1/3, Мишевски 1/1.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 14 мин.

МЕТАЛУРГ: Томовски 1/1 (9 одб.), Даниловски, Јагуриновски 4/10, Јагањац 6/6, Лазаревски, Димитриоски 1/1, Токиќ 3/5, Шилегов 2/2, Танкоски 3/7, Серафимов, Кузмановски 4/8, Велковски 1/1, Додиќ, Маџовски 2/3, Матијашиќ, Арсеновски 1/1.
Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.