Македонија оди на Европско првенство, со победа се враќа од Ескишехир

Иако на полувреме губеа со два гола разлика, 11:13, а во 43 минута и со четири (15:19), сепак, Македонија се врати со два бода од гостувањето во Ескишехир откако денеска ја совлада Турција со 26:25.

Играта на Македонија беше променлива уште од стартот. После мирниот почеток во кој десетина минути се испитуваа силите следуваше серија од 5:0 за водство од 7:3. Сепак, овие четири погодоци заработени во 14. минута беа загубени во продолжението. Турците постепено ја намалува негативата и во 25. минута од натпреварот израмнија на 10:10. Малку потоа постигнаа уште два гола за 12:10 што беше серија од 5:0 која им донесе и водство на полувремето.

Македонија имаше негатива од 11:13 на паузата и ова беше резултат кој не одговараше и кој донесе жешка пауза во Ескишехир.

Иако во вториот дел од средбата се тргна со погодок не одеше најдобро бидејќи Турците ја задржаа предност од полувремето, но не само тоа туку и продолжија во силно темпо и во 43. минута дојдоа до 19:15. Овие четири гола го вклучија алармот на клупата и Брестовац бараше минута одмор. Мораше да подели совети, а тие дадоа брз резултат бидејќи за две минути од четири се дојде на гол негатива. Тука дојде до максимално интересен период во кој Македонија бараше можност да израмни.

Одбраната почна да функционира и во 49. минута резултатот беше 21:21. Никола Митревски помогна со неколку интервенции за одбраната да добие дополнителна сигурност, а Талески од контра конечно го врати водството во корист на Македонија. Во 52. минута од контра се дојде до 22:21 и ова беше веќе сосема поинаква завршница.

Македонија и во последните минути имаше проблеми со двајца играчи на Турција. Голманот Озмусул и левиот бек Пеливан. Првиот бранеше одлично и тешко беше да го совладаат, а другиот постигна десет гола за 50 минути. Сепак, кога требаше да погоди за 25:25 беше „наместен“ од големиот борец Стоилов и Македонија на две минути до крај доби шанса за плус два. Талески постигна гол за 26:24, но брзо дојде гол и од Турците. Македонија отиде во пасивен напад и последниот шут мораше да биде од повеќе од десет метри што беше лесен плен за Озмусул.

Турција доби шанса за реми. Селекторот побара тајм-аут, а до крајот останаа уште 23 секунди. Не го искористија, а добија шут после истекот на времето од девет метри кој заврши со одбрана на Митревски.

ТУРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА          25:26 (13:11)

Сала: Порсук во Ескишехир. Судии: Евгени Зотин и Николај Володков од Русија. Делегат: Искендер Асгаров од Азербејџан.

ТУРЦИЈА: Озмусул (16 одб., 1 сед.), Гоктепе, Чан, Пекташ 1, Ерсин 1, Пеливан 10, Арифоглу 2, Ерчејлан, Демирезен 1, Бичер 5, Налбантоглу, Х. Озтурк, Ероз, Ч. Озтурк, Челеби 3, Сарак.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.

МАКЕДОНИЈА: Ристовски (3 одб.), Митревски (8 одб.), Стоилов 1, Димитриоски 1, Лазаров 7, Талески 5, В. Маркоски, Н. Маркоски, Кузмановски 3, Костески, Танкоски, Георгиевски 4, Пешевски 1, Јагуриновски, Кукоски, Маџовски 4.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.