Македонија игра променливо, но има плус четири против Бахреин

Репрезентативците на Македонија одиграа променливо прво полувреме, но успеаја да дојдат до предност од 12:8 на паузата и да најават нова победа на Мундијалот. Со одлични стартни десет минути и завршни пет тие дојдоа до пристојна предност, па ќе има можност во вториот дел да се доработи задачата и да се дојде до нови бодови. Сепак, се видоа проблеми во играта во нападот, кои ќе мора да се средат со потрпелива игра.

Почетокот беше одличен и такво нешто можеше само да се посакува. По краткото испитување на силите одбраната успеа да запре многу удари на противникот, а тоа отвори простор за неколку лесни голови. Македонија набрзина стигна до 6:2. Тоа беше веќе 9. минута од средбата, но и момент кога дојде до криза. Нападот затаи и неколку напади завршија без реализација, па тоа отвори простор за противникот.

За 11 минути колку што траеше периодот без гол за Македонија, Бахреин стигна до пресврт и водство од 7:6. Беше потребно многу за да се најде патот кон голот на противникот, а тој гол за нерешени 7:7 дојде преку удар од седум метри дури во 20. минута.

Во целата ситуација, сепак, добро беше што седум минути потоа Македонија не прими гол, но не успеа од тоа да профитира и да дојде до убава предност која ќе донесе мирен одмор и сигурно продолжение на средбата. Конечно вистинскиот ритам беше фатен на пет минути до паузата. Почна играта која е потребна и да се комбинира со крилата, да се оди на шут од повеќе места, па тоа донесе враќање на предноста од стартот на средбата.

Лазаров (5), Кузмановски (3) и Манасков (3) беа играчите кои беа најрасположени кога мораше да се донесе контрола на резултатот и на средбата и тие донесоа погодоци за предност од четири гола и водство од 12:8 на одмор.