Македонец ќе биде селектор и на женска и на машка репрезентација

Трендот еден ист селектор да води и машка и женска репрезентција продолжува, па уште една ракометна федерација се одлучи на ваков чекор. Овој пат на чело на селекцијата се наоѓа стратег од Македонија кој во минатото има постигнато добри резултати.

Се работи за селекторот со кој Македонија стигна до 8. место на Европското првенство во 2008 година. Владимир Глигоров продолжува со својата тренерска работа во Либан каде што веќе има двојна функција. Тој доби уште една селекторска задача па покрај со женската во иднина ќе работи и со машката јуниорска репрезентација.

„Од вчера официјално сум назначен за селектор на машката јуниорска репрезентација на Либан со која ќе учествувам на Азиското првенство во Оман од 15 до 25 јули. Тоа ќе биде и квалификациско натпреварување за пласман на Светското првенство следната година“, вели Владимир Глигоров.

Тој ќе има сериозен предизвик бидејќи продолжува со работа со двојна функција бидејќи продолжува со работа и со женскиот состав.

„Ова е уште една репрезентативна обврска за мене после назначувањето за селектор на женската сениорска репрезентација на Либан. Немавме добра ждрепка. Во група ги добивме Северна Кореја, Јапонија и Кина, но ќе се обидеме да извлечеме максимум од овие натпревари. Ќе се потрудиме да се покажеме во најдобро можно светло на овие дуели“, изјавува селекторот на Либан, Глигоров.